Како да избереш шатор, вреќа за спиење и опрема

Кампувањето е едно од најубавите доживувања кои човек може да ги има во природата, но за да биде пријатно, безбедно и удобно, изборот на вистинска опрема е клучен.
Често почетниците мислат дека „ќе се снајдат“ со било каков шатор или спална вреќа, но вистината е дека секоја ситница има огромна улога. Во продолжение ќе најдеш целосен водич од тоа каков шатор да избереш, вреќа за спиење, па сè до ситната опрема која ја прави разликата меѓу добро поминато кампување и непријатно искуство.

Избор на шатор
Шаторот е најважниот дел од камперската опрема. Тој е твојот дом во природата и треба да нуди заштита, удобност и сигурност.
– Големина и капацитет: Никогаш не се раководи само според бројката. Ако си двајца, земи шатор за тројца. Дополнителниот простор ќе ти користи за ранци, обувки и опрема, особено кога врне и мораш да останеш внатре.
– Водоотпорност: Најважниот показател е водниот столб (mm). За македонските услови, барај минимум 3000 mm на кровот и 5000 mm на подот. Тоа значи дека ткаенината ќе издржи долготраен дожд без да пропушти.
– Материјал и конструкција: Модерните шатори се од полиестер или најлон, а прачките се од фиберглас или алуминиум. Алуминиумските се поскапи, но многу поиздржливи и полесни.
-Вентилација: Ако шаторот нема мрежести отвори и двоен слој (внатрешен шатор + надворешна тента), ризикуваш кондензација, што значи капки вода внатре дури и кога не врне.
-Тежина и пакување: Ако кампуваш со автомобил, тежината не е проблем. Но, ако пешачиш, важно е шаторот да е лесен (2–3 kg за 2 лица).

Квалитетна вреќа за спиење е гаранција за топла и мирна ноќ
Погрешен избор на вреќа за спиење е една од најчестите грешки. Многумина мислат дека обично ќебе е доволно, но температурата во природата знае да падне многу повеќе отколку во град.
– Температурни ознаки: На секоја вреќа стојат три вредности
–comfort (удобна температура),
-limit (граница до која може да спиеш без проблем),
-extreme (минимум за преживување).
Секогаш бирај според comfort, и тоа за 5°C пониска од условите каде што планираш да спиеш.
– Форма: Постојат два главни типа
-mummy (потесни, држат топлина, идеални за планина)
-rectangular (пошироки и поудобни, идеални за семејни и автомобилски кампувања)
– Полнење:
-Синтетика – отпорна на влага, побрзо се суши, поевтина.
-Пердув – полесен и потопол, но поскап и бара грижа (ако се намокри, губи изолација).

Подлоги и душеци
Многумина не сфаќаат колку е важна изолацијата од земја. Дури и најтоплата спална вреќа нема да помогне ако топлината оди во ладната земја.
Затоа секогаш носи:
– Пена подлога – лесна, евтина, но тврда.
– Самонадувлив душек – компромис меѓу удобност и тежина.
– Класични душеци – многу удобни, но потешки и понекогаш ладат ако немаат изолација.

Кога избираш шатор, вреќа и опрема, не штеди на квалитет. Понекогаш разликата од 20 – 30 евра, значи дали ќе преспиеш суво и тополо или ќе ја поминеш ноќта во студ . Добро избраната опрема трае со години и ти дава слобода да кампуваш било каде – од планински врвови до езерски брегови.
Кампувањето не е само престој во природа, тоа е искуство, авантура и начин на живот.


